Сигурно сте слушнале за „Joy Division“ и нивниот пост-панк звук во 80-тите, но се сомневам дека сте ги чуле Добри Исак.

Многумина ќе речат: „Звучат на Joy Division“. Точно е дека инспирацијата за звукот ја земаат од нив и од странскиот пост-панк бран, но сепак Исак си имаат сопствен шмек.

„Популарната музика во САД и Обединетото Кралство кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите беше крајно еклектична и експериментална. „Постпанк“, како што подоцна ќе биде наречен, опфаќа електро-поп мелодии, гитари со дисторзија, авангардни индустриски звуци и реге ритми, па затоа не претставува лесно дефинирачка музичка категорија.“ [1]

По смртта на Маршал Тито, младите во Југославија ја чувствуваат слободата и „демократизацијата“ која траела кратко. Облекувајќи се како сакаат, зборувајќи што сакаат и однесувајќи се како бунтовници, се создава една младина која сака и пробува да создава и уништува истовремено.

Групата ја сочинуваат Предраг Цветичанин – гитара и вокал, Зоран Ђорђевић – гитара, Бранко – бас-гитара и Бобан – тапани. По неколкуте свирки и албум направен во домашни услови, бендот паузира неколку месеци.

Подоцна Предраг и неговиот брат Ненад – Цепи (тогашен член на групата Арнолд Лејн) го менуваат составот на бендот и во 1984/85 година го создаваат албумот „Ми плачемо иза тамних наочара“, албум кој сведочи за постоењето на бендот.

Периодот 1985/86 го користат за да се претстават пред југословенската публика и да го доловат панк-бранот на нашите простори. Настапуваат самостојно на фестивали за рок-бендови во Ниш, Сплит и Скопје, но и како гости на концерти на познати македонски бендови, како Падот на Византија.

Последниот концерт го одржуваат во Ниш, со Арнолд Лејн и Мизар како нивни гости.

Во живо ги немам гледано и слушано. Не бев во план, а план ми беше да ги гледам. Новинарите биле воодушевени од нивниот настап на „Фестивалот на млади“ во Србија, така што не ни преостанува друго освен да им веруваме.

Најдобра песна: „Дозволи ми да останем“


„...Тој период беше прв голем период на пронаоѓање на себе, преиспитување дали во мене има нешто вредно и желба да го искажам тоа нешто. Ниту јас, ниту Миша и Маркиз не бевме, ниту сакавме да бидеме музичари. Бевме раскажувачи на приказни, за нашите животи и животите на луѓето кои ни беа блиски и за градот во кој живеевме. А тоа што релативно добро свиревме, едноставно ни овозможуваше да го изразиме тоа.“ [2]
„...И во тој момент го чувствувате „стравот и треперењето“, бидејќи претчувствувавте што може да му се случи, ако во овој свет на насилство не може ни да проба да се брани. И тогаш ми се поврза сето тоа некако необично и почнав да размислувам за луѓето кои природно се неспособни да прават зло. И сфатив дека Керкегор е „Добар Исак“, дека Ван Гог е „Добар Исак“, дека Кафка е „Добар Исак“, дека Ијан Кертис е „Добар Исак“. Така што името постоело и пред групата, а потоа се поврзало со групата.“ [3]

Извадок од неодамна направеното интервју со членот на бендот Предраг Цветичанин, објавено на порталот Omladina.me.


[1] Mimi Haddon, What Is Post-Punk?
[2] [3] Omladina.me, Ko je Isak i zašto je dobar? Razgovor sa Predragom Cvetičaninom, vokalistom benda Dobri Isak, Nikola Poleksić.