„Колку поголема е трагедијата на животот, толку посилна мора да биде верата"
Огромна доблест е човекот (особено младиот) да разбере дека времето минува. Едноставно! Таквиот ќе остари и созрее порано и само така ќе остане вечно млад. А впрочем, и од тука се раѓа здравиот порив, подготвеноста да се жртвува, да се умре за народ или идеал, за другиот, за Возвишеното!
Минатото сведочи за многу млади животи згаснати во знак на отпор против тиранијата и тоталитаризмот но ретки се примерите на отпор без насилство. Таков мирен и ненасилен протест покажа едно друштво студенти во 1942 година на Лудвиг Максимилијановиот универзитет во Минхен, во пароксизмот на нацистичка Германија.
Во 1917 во Оренбург, Русија, ќе се роди син Александар во семејството Шморел и ќе порасне во духовно здрава средина опкружен со луѓе како неговиот дедо, правослен свештеник, кои, како што и самиот си спомнува - силно ќе влијаат врз неговиот живот. Ја оставаат татковината зад себе со подемот на болшевиците (против кои подоцна изразува големо негодување) и се населуваат во Германија од каде што и потекнувал неговиот татко. За раните години на Шурик (неговиот прекар од мал) не наоѓаме многу детали нам познати, освен, за едно детство израснато под куполата на црквата и пред иконите за време на службите кои ќе вдахнат во него дух на расудување и за едно детство изиграно со други деца од мајкиниот крај што ќе доведе до совршено познавање на руската традиција и јазик. Во 1939 се запишува на медицинскиот факултет во Хамбург и преку Кристофер Пробшт, стар другар, го запознава Ханс Шол и се поставуваат идеи за организиран отпор. После две години односно годината 1942 по наредба, сите млади мажи исклучиво стуентите на Максимилиановиот универзите во Минхен биле пратени на рускиот фронт во областа Гжатск (денес Гагарин) како регрутанти. Тука Шморел, Шол, Пробшт и новиот придружник Вили Граф, служат како воени лекари и летото го поминуваат во Русија. Александар се осеќа kako дома меѓу своите и престојот го охрабрува.
Враќањето од фронт го обележува со дејтсвување и почеток на работата со Ханс и Софи Шол, истомисленици, кои заедно со нив и останати пријатели и професори поради несогласување со нацистичкиот режим го формираат во првите години од нивните студии младинското друштво „Белата Роза" кое како студентска иницијатива целело да ги разобличи идеолошките лаги на Хитлер. Придонесот на Александар во друштвото како и на останатите, бил во пишување летоци со морална содржина и етичка тематика во облик на цитати, колумни и стихови од познатите имиња на германската литература (Гете, Шилер, Новалис), светската книжевност (Сервантес, Аристотел), Новиот Завет и лични творештва за преку нив да го изразат револтот кон системот со најголем акцент ставен на масовното убиство на Евреите. Би можело да се каже дека сѐ наликувало на еден младешки крик и повик на свестување. На будење. И навистина, јануарските летоци, петти по ред и последни, рачно печатени во приближност од 6 000 до 9 000 примероци се појавија во телефонски говорници, поштенски сандачиња и универзитетски ходници во големите градови Штутгарт, Виена, Берлин и Минхен насловени „Повик до сите Германци!". Летоците кои подоцна ќе станат нивни судии и причина за смрт го повикувале секој германец да размислува за својата слобода. Да се бори за слободата на говор и вера и да застанат на страната на опозицијата.
„Хитлер не може да ја победи војната. Може само да ја одолговлече."
Овој указ лично го навредува фирерот и лично ги одбива молбите за милост кога ќе ги осудат студентите на смртна казна.
Приближно една година пред капитулацијата на Германија, за време на последната заедничка акција на Белата Роза почнуваат апсењата. Сомнежот растел и Гестапо бил на „штрек" после кружењето на „пропагандниот материјал" во различни заедници. Први уапсени членови се Софи и Ханс Шол кои биле накодошени на Гестапо од факултетскиот чувар кога од висок спрат ќе фрлат летоци и ќе се разлетаат по главниот ходник на универзитетската зграда. Александер наскоро дознава за нивното апсење. Тој потоа оди во куќата на Вили Граф со намера да го предупреди дека Ханс и Софи се уапсени. Бидејќи Граф не е дома, Шморел остава шифрирана порака и се упатува кон куќата на еден пријател. Неговиот пријател му помага да добие лажни документи, му дава храна и дополнителна облека. Шморел првично планира да влезе во камп за руски воени заробеници, но планот пропаѓа кога контактот не се појавува. Потоа се обидува да избега во Швајцарија но овој пат лошите временски услови го принудуваат да се врати, па се враќа во Минхен на 24 февруари 1943 година. Околу 22 часот, започнала тревога за воздушен напад. Кога Шморел се обидел да влезе во засолништето за воздушни напади, бил препознаен од поранешна девојка. Било повикано Гестапо, и Шморел бил уапсен на 24 февруари 1943 година, истиот ден кога се одржувал погребот на Софи, Ханс и Кристоф. Во периодот помеѓу неговото апсење и судењето, Шморел е неколкупати испрашуван.
Како во добрите психолошки филмови каде што последните десетина минути ја разјаснуваат низата настани така и животот на човекот добива смисла и истата ги оправдува (или обратно) постапките на секој еден од нас во финалните мигови. Ноќта е најтемна пред да се раздени. Така и животот на Александар добива еден друг (повисок) тон набљудувајќи ги неколкуте месеци пред смртта. Тон кој ќе продолжи да буди младешки срца на истиот оној мирен и ненасилен начин. На 13ти Јули Александар е погубен со гилотина во затворот Штаделхајм — Минхен и ни остава сведоштво преку очевидците дека пристапил спокојно и без страв како на некој виновник што само ја потврдува неговата душевна и духовна цврстина. После приближно 70 години Православната Црква го канонизира за Светител и Маченик.
Ни остава и две последни писма адресирани кон своите родители коишто и ќе го завршат овој текст нему посветен. Две последни писма коишто ќе кажат многу повеќе отколку сѐ погоре.
Минхен, 18 јуни 1943
Мои драги родители,
Не можам да ви соопштам ништо ново. Јас сум здрав и во добро расположение. Скоро прочитав нешто во една многу добра и длабока книга, што изгледа ќе ви одговара на сите вас:
„Колку е поголема трагедијата на животот, толку посилна треба да биде верата; колку повеќе ни изгледа дека сме напуштени, толку посигурно треба да ги предадеме нашите души во рацете на Бог Отецот".
И игуменот Теодор (Студит) од Византија пишува:
„Затоа му заблагодарив на Бога за моите несреќи и се поклонив целосно пред недостижните судови на Неговата Промисла, што на Свој благопријатен начин веќе го знае, уште од времето кога биле поставени основите на светот, времето и местото на смртта на секој човек."
Ова е скоро исто како она што веќе ви го напишав. Би ме направило многу среќен ако и вие размислувате исто, тоа би ви одземало многу тага и болка.
Но јас сè уште не сум мртов – затоа молете се и не губете надеж.
Најискрени поздрави,
Ваш Шурик
Минхен, 13 јули 1943
Мои драги татко и мајко,
Отсега веќе не може да биде поинаку, и по Божјата волја, денес мојот земен живот ќе заврши за да преминам во еден друг, кој никогаш нема да заврши и во кој сите повторно ќе се сретнеме. Нека оваа идна средба биде ваша утеха и ваша надеж. За жал, овој час ќе биде потежок за вас отколку за мене, затоа што јас си одам со сигурноста дека, според моето длабоко уверување, ѝ служев на вистината. Сето ова ме остава со чиста совест, и покрај тоа што часот на смртта е толку блиску...
За само неколку часа ќе бидам во подобар живот, кај мајка ми, и нема да ве заборавам; ќе го молам Бог да ви даде утеха и мир. И ќе ве чекам! Една работа, пред сè, дозволете ми да ви ја оставам на срце:
Никогаш не го заборавајте Бога!
Ваш Шурик