Во минатото, начинот и интензитетот на комуникација помеѓу луѓето, се чини, биле значително поограничени во однос на денешните можности. Интернет-светот ги чини сите далечини совладливи и сечии секојдневија меѓусебно, во доволна мера, совпадливи. Меѓутоа, се чини дека ваквата навидум позитивна предиспонираност на новите генерации има сосем спротивен ефект. Неприродноста на човековото онлајн-зближување причинува впечатливо, меѓусебно, прогресивно оттуѓување.
Важно е да се оддаде признание на корисноста на медиумите за масовна и меѓусебна комуникација, без кои ниту оваа статија не би била во ваков облик, меѓутоа уште поважно е одвреме-навреме да се потсетиме дека е потребна рамнотежа и здраво физичко присуство при меѓучовековата комуникација. Еден од начините на кои минатите генерации со векови наназад тоа го правеле биле друштвените активности, во кои важно место заземаат друштвените игри.
Nine men’s morris или во нашата традиција уште позната како Дама, претставува стратешка друштвена игра за двајца.
Нејзиното потекло се поврзува уште со периодот на Римската Империја, меѓутоа се смета дека најстарата позната табла за дама била најдена нацртана на една од покривните плочи на храмот во Курна, во Египет, и се претпоставува дека датира од некаде 1400 години пред нашата ера, иако точниот датум не може прецизно да се докаже. Играта добила особена популарност во средновековна Англија. Пронајдена е цигла во близина на Визбех, која се смета дека била користена како табла за играње од страна на изработувачите на цигли, кои ја користеле за време на работата како начин за разонода сè додека не биле отпуштени. Пронајдени се изгравирани табли во рамките на англиските катедрали во Кантенбери, Глаучестер, Норвич, Салсбури и Вестминстер Абеј. Оваа игра се споменува и во Шекспировиот „A Midsummer Night’s Dream“, дело кое датира од 16-ти век, од каде добиваме знаење дека играта била играна и надвор, користејќи голема природна површина како поле за играње и вистински луѓе како пиуни. Играта исто така се среќава во средновековната литература од Франција и Германија. За време на Првата светска војна се појавиле и некои нови варијанти.
Начин на игра
Дамата претставува игра за двајца, иако историски постојат повеќе варијанти. Таблата за играње се состои од 24 точки на вкрстување, меѓусебно поврзани со линии кои ги поврзуваат и ја означуваат патеката на движење на пиуните. Секој играч добива по 9 жетони, односно пиуни.
Првиот настапува со светли, најчесто бели, а вториот со темни пиуни, најчесто црни. Првиот жетон на таблата го поставува „белиот“ играч, или по договор. Двете страни се обидуваат да зафатат стратешки позиции со кои можат да изградат колона или ред од по 3 последователни точки, односно една цела патека на движење. Доколку едната го постигне тоа, има право да одземе еден жетон од својот соиграч. Победува оној кој ќе ги одземе сите пиуни на другиот играч или ќе го остави без можност за никаков потег.
Играта е поделена на три фази:
- Поставување на пиуните на стратешки позиции (точки на вкрстување).
- Придвижување на пиуните по патеките на движење од една до друга точка.
- Придвижување на пиуните на која било точка од таблата, независно од патеките на движење, доколку играчот останал со само три пиуни (опционално).
Фаза 1:
Играта започнува со празна табла. Првиот играч го поставува жетонот на една точка на вкрстување по избор. Потоа истото го прави вториот играч и дејството се повторува сè додека не се постават сите пиуни на таблата. Доколку за време на редењето некој успее да нареди три последователни жетони, има право да одземе еден жетон од својот соиграч.
Во оваа фаза важно е да се изгради стратегија на движење со која би можело полесно да се изградат колонии во втората фаза.
Фаза 2:
Откако сите жетони се поставени на таблата, започнува нивното придвижување по линиите кои ги обележуваат можните патеки на движење. Пиунот не може да прескокнува преку веќе поставен пиун, без разлика дали е од својата или од страната на противникот. Може да се движи само кон слободните точки. Играчите се обидуваат да изградат колонии и да ги елиминираат жетоните на својот соиграч. Доколку се случи некој од нив да нема повеќе каде да се придвижи, односно да е ограден од сите страни, тој ја губи играта.
Доколку, пак, играчот има изградено колонија, има право да ја растури, поместувајќи еден пиун од истата, за потоа да ја врати и повторно да ја изгради, со што повторно има право да елиминира пиун на својот соиграч. Не е дозволено елиминирање на пиуни од веќе изградена колонија.
Фаза 3:
Оваа фаза започнува тогаш кога еден од играчите ќе остане со само 3 подвижни пиуни. Тогаш се здобива со право да ги придвижува, односно да прелетува, до која било точка без да ги следи патеките на движење. Оваа фаза е опционална бидејќи некои извори сметаат дека е само варијанта. Некаде воопшто не се споменува како таква, а некаде, пак, се смета дека е начин на компензација кога послабата страна е близу до губење на играта, односно недостасува да му биде одземен само уште еден пиун.
Совет:
На почетокот на играта поважно е плански да се изгради добра стратегија на движење отколку веднаш да се настојува да се направат колонии од по 3 пиуни. На ваков начин ќе се избегне грешката која често ја прават почетниците – концентрираат многу жетони на една област на таблата. Идеална позиција е таа која дозволува формирање на повеќе колонии со поместување на само еден жетон за само една позиција.