Од студентска дебата на тема: „Никос Казанѕакис – Узгорницата на животот: страст, борба и надминување“
Место вовед
Никос Казанѕакис бил еден од најзначајните грчки писатели, филозофи и поети на 20-тиот век. Роден е во Ираклион, Крит, тогаш дел од Отоманската Империја, а неговите дела длабоко ја одразуваат неговата љубов кон слободата, филозофските размислувања и егзистенцијалните борби.
Студирал право во Атина, а потоа ги продолжил студиите по филозофија во Париз, каде бил под влијание на Фридрих Ниче и Анри Бергсон. Неговото творештво опфаќа романи, есеи, поезија и драмски текстови, а најпознат е по „Алексис Зорбас“, кој го инспирирал култниот филм Zorba the Greek (1964).
Други познати дела се „Последното искушение“, кое предизвикало контроверзии во црковните кругови, „Христос повторно распнат“, како и неговата автобиографска книга „Извештај до Ел Греко“.
Казанѕакис бил номиниран за Нобеловата награда за литература девет пати, а неговата филозофија била длабоко обележана со идеи за борба, слобода и трансценденција. Починал во 1957 година во Фрајбург, Германија, а на неговиот гроб во Ираклион стои натписот:
„Не се надевам на ништо.
Не се плашам од ништо.
Слободен сум.“
Забелешка: „Вистински филозоф е оној кој филозофијата ја спроведува на дело – инаку е хипокрит. Никос ја живеел својата филозофија.“
Како прво, движени сме од различни филозофии, односно идеи кои претставуваат патокази кон целта, самата цел или и двете заедно. Ова се сведува на динамичноста на човекот во својата природа, зашто човекот не е статично, туку постојано подвижно – динамично битие, како што вели Атанасиј Јевтиќ.
До тука, во поголема или помала мера, се меѓусебно согласни различните области на хуманистичките науки. Проблемот се раѓа со поставувањето на прашањето за Целта, односно кон што или кон кого се движи човекот.
Тука, со право поларизирајќи, би рекол дека постојат две главни точки кон кои се движиме, или подобро кажано – избираме да се движиме. Една центрифугална и една центрипетална. Една кон внатре, со човекот како сопствен центар, и една кон надвор – кон Бог.
Западниот хуманизам – „западен“ во смислата на Стефановски, а не како географска одредница – се развива врз моделот на „восовршување“ на индивидуата индивидуално, преку обожување без Бог. Антропоцентрично, а оттука и егоцентрично.
Овој е натчовекот на Ниче, делумно отелотворен во ликот на Зорба кај Казанѕакис. Таквиот човек, динамичен кон самиот себе, е ограничен и никогаш вистински слободен. А парадоксот е во тоа што, колку повеќе се вдлабочува во самиот себе, толку повеќе се губи надвор од себе.
Апсолутно спротивното се случува во христијанскиот егзистенцијализам, каде, движејќи се кон Бог, кон неподвижниот Двигател, човекот се осознава и самиот себе.
Што се однесува до начелата на нашата тема, Никос зборувал за постојана борба и надминување на сопствените слабости. И навистина, она што заслужува почит е фактот што се држел до своите принципи. Но колку суштински успеал?
Секако, човекот е тајна која не може целосно да се одгатне, така што секој одговор останува претпоставка. Една претпоставка е дека суштински никогаш не го преминал сопствениот праг, а достатен аргумент за тоа е доживотното талкање по повисока смисла.
Мислам дека мора да постои еден конкретен момент во животот кога секој ќе застане и ќе каже: „Најдов! Сфатив!“ – и на тој начин ќе ја избистри и дефинира смислата на сопственото постоење.
Никос стигнува до ивицата на амбисот, погледнува и вели: „Оттука нема ништо!“ А искуството на христијанскиот хуманизам вели:
„Фрли се со сета своја сила и или ќе изгубиш сѐ или ќе добиеш сѐ.“
Со „сѐ или ништо“ човекот се надминува себеси. Во спротивно, колку и да е сурова, границата сепак останува комфорна зона.
Прашање од публика
„Вие, како модератор, го презентиравте Казанѕакис како модел за следење. Генерално, и во изборот на други модели, според кои критериуми знаеме дека нечија филозофија води кон успешен начин на живот?“
Одговорот на модераторот: очаен. Отприлика:
„Како-така! Пробуваш. Ако ти одговара – го земаш, ако не – збогум!“
Зарем животот не е премногу краток за да се носат непромислени одлуки? Играме на карта „сѐ или ништо“, но тоа не значи дека претходно не е потребно испитување и проверка, особено кога станува збор за животни решенија.
Така што, без дополнително да должам, го сметам прашањето од публиката за сосема правилно и на место во однос на критериумите.
Гледаме дали нешто ни одговара според критериумите. Дури и при избор на книга за читање, прво ја читаме содржината на корицата или бараме критика.
А, имајќи го предвид и погоре напишаното, што претставува подобар критериум од тоа кажаното – филозофијата – да биде спроведено на дело?
И следствено, кому се однесуваат тие дела? Единствено на ближниот, односно на секој еден човек.
Секоја наша постапка, на еден или друг начин, директно или индиректно допира друг човек. И како што ноќта има смисла затоа што постои денот, така и човекот има смисла затоа што постои другиот човек.
Значи, нашите дела се нашиот однос со другите околу нас. Ако не љубиме, значи мразиме. Ако не му се радуваме на секој и ако не сочувствуваме со секој, ќе нѐ измачува туѓото присуство и, како Сартр, ќе го доживуваме пеколот во конкретните личности што нѐ опкружуваат.
Оној што љуби без притоа да очекува отплата, ги исполнил сите критериуми.
„Но може некој да рече: ‘Ти имаш вера, а јас имам дела.’ Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела.“
Автор: Сотир Ставрев
