На 8 јули годинава ја имав честа да просведочам настапи на два од најголемите генерациско-дефинирачки бендови од раните 2000-ти и еден култен бенд од ’90-тите, кој воопшто не беше активен до минатата година. Еден од нив не само што ја дефинираше генерацијата родена околу новиот милениум, туку продолжува да резонира и со помладите генерации. Оттука произлегува и неговиот новопронајден статус на феномен, со билиони преслушувања на најпознатите песни и нивоа на популарност кои се граничат со оние на бендови како Metallica и AC/DC.

System of a Down не беше само уште еден бенд кој се роди кон средината на ’90-тите, но сигурен сум дека сите оние кои успеаја да ги фатат на самиот старт на кариерата не претпоставуваа дека ќе стигнат до ова ниво на културолошко влијание. SOAD е бенд изграден од Американци со непосредно ерменско потекло и на првиот албум не може да се каже дека звучат комерцијално привлечно, со исклучок на Spiders. Меѓутоа, nu metal експлозијата, која се одвиваше паралелно со нивните први изданија, ја потпомогна нивната популаризација, иако тие отсекогаш беа повеќе од обичен nu metal бенд.

Да, ги имаа рифовите, но тапанските аранжмани, структурите на песните, а понекогаш и гитарските акробации на Daron Malakian, ги носеа во малку авангардни територии, особено на првиот албум. Вториот албум до ден-денес е, сепак, нивниот magnum opus, по кој снимија уште само три албуми пред да прекинат да снимаат нова музика поради креативни разлики. Оваа мала, но солидна дискографија беше доволна за развојот на митот за бендов низ изминативе две децении, мит кој го видов со сопствените очи во Берлин ова лето.

Свиреа на стадион со капацитет од 75.000, кој беше речиси целосно полн, од трибините до фан-питот. Како мое пријатно изненадување, отсвирија нешто над третина од дискографијата за отприлика час и половина, надминувајќи ги моите очекувања. Одвоија дури време и за Dam, демо-трака од ’95, која инаку се наоѓа на нивното прво официјално демо-издание, и е голема штета што никогаш не беше доработена и издадена.

Листата на изведени песни беше убава мешавина, земајќи ги генерално попознатите песни од секој албум, зачинета со по некој „deep cut“ како D.A.R.T.S. Препознатливата енергија на Daron од 2000-тите, за жал, е избледнета низ годините, но барем се трудеше да вдахне живот во изведбите со својот неповторлив карактер. Serj, од друга страна, изгледа како да се пензионирал пред 20 години, а и неговиот глас веќе не може да ги достигне височините кои беа допрени кога го снимаа Toxicity. Единствената трошка енергија која ја даваше на сцената беше неговото мавтање со показалецот, како да е на политички митинг, а не на концерт.

Тематски, музиката на SOAD наликува на митинг на моменти, но сепак малку поголем ангажман не би му штетел. Како и да е, басистот и тапанарот не дозволија возраста да ги спречи во приредувањето шоу какво што доликува на музиката која ја свират.

Queens of the Stone Age настапија пред нив, со Josh Homme на чело, кој низ XXI век сè уште ја чува жива визијата за архетипалниот рок-фронтмен. Поради ова ми е еден од омилените изведувачи уште од деновите кога беше зад гитарата во Kyuss. Јас бев роден некои четири години по златните денови на Kyuss, но благодарение на камерите во боја и интернетот, можам да кажам дека сè уште го носи истиот бунтовен дух од пред 30 години.

Да бидам искрен, добар дел од дискографијата на QOTSA ја немам преслушано. Имаат осум студиски албуми, од кои само на најпознатиот – Songs for the Deaf – му имам дадено доволно внимание. Освен задолжителната селекција на песни од овој албум, добар дел од тоа што го свиреа ми беше непознат. Сепак, направија време и за Little Sister, една од највпечатливите песни од нивниот албум од 2005 година – Lullabies to Paralyze. Се надевав дека ќе ја чујам Mosquito Song, баладата која е бонус-трака на Songs for the Deaf и прекрасно го затвора албумот, но таа најверојатно е резервирана за шоута каде што QOTSA се главната атракција.

Меѓутоа, колкав фан и да сум на SOAD и Josh Homme, за мене главната атракција тој ден беше Acid Bath, но бев разочаран од тоа што го добив. Acid Bath често се спомнуваат заедно со најбитните sludge metal бендови од ’90-тите, како Crowbar и Eyehategod, но нивниот звук се наоѓаше на крстопатот на повеќе стилови, најчесто некоја несекојдневна комбинација од doom metal, death metal и grunge.

Издадоа само два албуми пред прераната смрт на басистот, која го означи и крајот на Acid Bath. Додека постоеја, постигнаа скромен успех, но само два фактори беа доволни популарноста на овој бенд значително да порасне во текот на 30 години – магијата на интернетот и несомнениот квалитет на музиката која живее на нивните два албуми.

Поголемиот дел од песните кои ги отсвирија беа од вториот албум, кои не ги преферирам во однос на оние од првиот. Беа првиот бенд кој настапи и, како такви, им беше дадено најмалку сценско време, а за моето искуство да биде уште полошо, озвучувањето им беше катастрофално.

Сепак, фактот дека сведочев на бенд кој нема свирено во живо околу 30 години, со легенда преголема за да биде игнорирана, беше речиси доволен да ги засени сите маани на нивната изведба.

Приказната за Acid Bath мислевме дека заврши во ’97. Како и да е, циркуларната природа на културните трендови повторно ги оживеа овие култни алтернативни херои. Музиката можеби ќе живее засекогаш, но луѓето зад неа нема, па секој кој ја има шансата треба да ги искуси во живо сите три бенда пред неизбежно да заминат во историјата. А дотогаш, читајте Ефимин – следуваат нивни рецензии во некои од следните броеви.