“ Анатомија на еден заштитен код: Кога пергаментот е заменет со човечката плот ”

На 7 август во 20:00 часот, во Монтажната галерија во Паркот на Франкофонијата се одржа отворањето на самостојната изложба „Homo archīvālis“ на уметницата Анастасија Саздовска. Простор каде што се отвора архивата под кожата и се преточува процесот од борови саѓи, игла и крв во длабоко врежан белег врз коските на предците. Инспириран од праисториските соларни култови, народните везови и заштитните белези на Балканот, овој проект го дефинира човекот како телесна ризница на идентитетот. Амбиентално поставениот простор нуди можност за интимно соочување со архетипските слики што сеуште пулсираат под површината на современaта култура. Саздовска понуди современа реинтерпретација на овој заборавен обред, ставајќи ја жената во центарот како главен чувар и пренесувач на духовната меморија низ вековите.

Изложбата е финасиски поддржана од Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Центар. Сите заинтересирани ќе можат да ги разгледаат изложените дела во периодот од 7 до 14 август.

„Homo archīvālis“ е авторска кованица составена од латинските зборови homo (човек) и archīvālis(архивски), која го дефинира човекот како телесна архива на записи. Проектот е инспириран од традиционалните балкански тетоважи и македонските народни везови, како форми преку кои луѓето го изразувале својот идентитет, припадност и верувања. Симболите нанесени врз телото или вткаени во текстилот не претставуваат декоративни елементи, туку начини на зачувување на вредностите на колективот, изразување на припадност, заштита и отпор.

Тие сведочат за начинот на кој заедниците создале сопствени визуелни јазици преку кои ги зачувувале своите вистини и достоинството, спротивставувајќи се на условите што ги ограничувале. Изложбата претставува истражување на традиционалните тетоважи и нивно повторно поставување во современ контекст преку перспективата на жената како носителка и пренесувачка на оваа традиција. Женското тело е разгледано како простор преку кој се зачувува и пренесува колективното знаење. Изложбата се состои од дигитални колажи и дела изработени во комбинирана техника.

За настанот

Традиционалното тетовирање на Балканските простори е познато под имињата „sicanje“ (сицање), „bockanje“ (боцање), „dricanje“ (дрицање кое инаку означува пробивање), и „šaranje“ (шарање). Овие имиња иако се дескриптивни, тие претставуваат официјални етнолошки називи за обичајот.

За тетовирањето како обичај можат да се извлечат податоци за нивното потекло уште од праисториските времиња, каде што античките пишани извори од Херодот, Страбон и Плиниј потврдуваат дека древните Илири, Трачани и Дачани ги тетовирале своите тела. Кај Трачаните тетоважата претставувала белег на благородничко потекло, додека кај Гетите и Римјаните се користела за обележување на робови или затвореници.

Првобитната симболика на овој обичај била длабоко поврзана со соларните и лунарните култови, односно со обожувањето на сонцето, месечината и пролетниот циклус на вегетацијата. Ова тетовирање функционирало како пролетен обред на иницијација за време на пубертетот, со кој се одбележувал преминот на децата во возраст на зрелост и се повикувала плодноста и заштитата на идното семејство. Покрај балканските заедници, слични праисториски техники и заштитнички сфаќања за тетовирањето се забележани кај други подалечни култури каде што се појавуваат скоро идентични геометриски белези кои ја носеле сличната заштитничка функција, за зачувување на енергијата и чување против уроци.

Со доаѓањето на Османлиското Царство на Балканот, овој „пагански“ обичај доживеал голема трансформација и добил силна историско-социјална одбранбена функција, особено кај католичкото население во Босна и Херцеговина и кај Власите во Македонија, Грција и Албанија. Девојчињата и машките деца уште од најрана возраст, обично помеѓу седум и петнаесет години, биле тетовирани со христијански и соларни симболи на видливи места како челото, подлактиците, надлактиците и градите. Главната цел била да се спречи нивното насилно одведување, преминување во ислам , злоставување и секоја друга форма на насилство, бидејќи за османлиските освојувачи трајниот белег на крстот врз кожата бил неприфатлив. Во исто време, тетовирањето на машките деца служело како заштита од регрутација за данокот во крв, односно одведувањето во јаничарските одреди, а кај жените служело и како заштита од феудалниот обичај на правото на прва брачна ноќ (обичај според кој феудалниот господар имал право првата брачна ноќ да ја помине со невестата на својот поданик). Во народното верување се сметало дека овој белег е толку длабок што дури и да се исече месото, тој останува запечатен на коските и на душата, со што тетоважата претставувала единствен неизбришлив личен документ за етничката и верската припадност доколку некој бил присилно одвоен од своето семејство.

Иако во народната терминологија сите тетоважни шари од овој тип збирно се нарекуваат со името „криж или крижеви“ (кое означува крстови), во научните студии тие морфолошки се делат на неколку јасни категории со специфична симболика. Централното место му припаѓа на крстот, кој се појавува во десетици форми, почнувајќи од простиот крст направен од две прави линии со точки на краците, па сè до посложените композиции. За машките деца се користел таканаречениот „мушки криж“, кој бил построг и подебел орнамент нанесуван на шаката меѓу палецот и показалецот. Втората голема група ја чинат „кола-та“ (коло, круг), односно соларните мотиви кои го симболизираат сонцето, вечниот животен циклус и заедницата. Тие се појавуваат во различни форми, од едноставни кругови со точка или крст во средината, до посложени орнаменти со зраци и динамични форми, како на пример млинското коло, чии закривени краци создаваат впечаток на постојано движење.

Покрај крстовите и колата, во босанскиот регион се развил и исклучително специфичниот мотив наречен ограда, кој има облик на полукруг или полуквадрат украсен со гранчиња или помали крстови. Оградата секогаш се поставувала на подлактицата така што нејзиниот отворен дел бил свртен кон лактот, а затворениот свод кон шаката, со што го симболизирала домот, семејниот двор и заштитата на куќниот праг од надворешни зла. Комплетот на овие мотиви во една тетоважа често биле надополнети со вегетативни мотиви како гранчиња и житни класиња кои асоцираат на плодноста и изобилството, како и со астрални симболи како ѕвезди, сонце и месечина. Околу рачниот зглоб се нанесувала и таканаречената „наруквица“ (нараквица) во форма на лента со геометриски шари, но според строгото народно правило таа се тетовирала исклучиво на горната страна од раката и никогаш не се затворала од долната страна каде што минуваат главните крвни садови, од страв од инфекции и повреда на вените.

Самиот процес на изработка се одвивал според точно утврдени традиционални правила и техники. Тетовирањето се вршело исклучиво во пролет, најчесто на празниците Свети Јосип на деветнаесетти март, Благовештение, Цветници или за време на Големата недела пред Велигден. Како алат се користеле една или повеќе метални игли врзани заедно, а во некои посиромашни средини и трње. Бојата односно црнилото се подготвувала од саѓи добиени со согорување на борово дрво, кои потоа се мешале со мајчино млеко, плунка, мед, вода, ракија или барут. Шарата најпрво се цртала директно на кожата или се пренесувала со помош на резбани дрвени калапи од јасенова кора, по што со иглите се боцкало додека не потече крв. На крајот, свежата рана се премачкувала со подготвеното црнило и се преврзувала со восочена хартија за бојата трајно да се запечати под кожата.

Литература:

Truhelka, Ć. (1896). Tetoviranje katolika u Bosni i Hercegovini. Glasnik Zemaljskog muzeja u Bosni i Hercegovini, 8(2), 241–257.

Agić, A. (2022). Vlaške tetovaže. Zbornik radova / Naučni rad, 1–15.

Jukić, M. (2013). Tradicionalno tetoviranje Hrvata u Bosni i Hercegovini - bocanje kao način zaštite od Osmanlija? Lucius: Zbornik radova Društva studenata povijesti "Ivan Lučić - Lucius", 12(18/19), 197–218.